Ген

Article on other languages:

del.icio.us del.icio.us
Digg Digg
Furl Furl
Reddit Reddit
Rojo Rojo
Add to OnlyWire

Генот претставува основна наследна единица, изградена од определен број на нуклеотидни парови. Генот има строго определено место на хромозомот. Сите гени во клетките на живите организми се изградени од одделни делови на ДНК молекулата. Тие се разликуваат меѓу себе во редоследот на базите и бројот на нуклеотидните парови, од што произлегуваат и разликите во функцијата при изразувањето на различните видови својства. Разликуваме структурни и регулаторни гени.

Секој организам поседува по две копии од секој ген. Едната копија е наследена од мајката, додека другата од таткото. Кај луѓето, повеќето гени се исти, но мал дел (помалку од 1%) се нешто различни. Алелите се алтернативни форми на еден ист ген, со мали разлики во нивните секвенци на ДНК бази. Овие мали разлики допринесуваат за единствените (уникатни) карактеристики кај секоја единка.

Функција на гените

Гените се всушност упатства за синтеза (создавање) на протеини. Повеќето гени содржат информации кои се потребни за создавање на овие многу важни биомолекули (неколку гени произведуваат други молекули кои и помагаат на клетката да ги собере протеините). Патот од ген до протеин е сложен и тесно контролиран во секоја клетка. Тој опфаќа два главни чекора: транскрипција и транслација. Заедно, транскрипцијата и транслацијата се познати како генска експресија.

За време на транскрипцијата (препишувањето), информацијата која се содржи во генската ДНК се пренесува на слична молекула наречена РНК (рибонуклеинска киселина) во клеточното јадро. И двете нуклеински киселини (ДНК и РНК) се составени од нуклеотидни бази, но имаат некои различни хемиски својства. Видот на РНК која ја содржи информацијата за создавање на протеин е наречена информациона РНК (mRNA, messenger RNA) бидејќи ја носи информацијата (или пораката) од ДНК надвор од јадрото во цитоплазмата.

Транслацијата е вториот чекор при синтезата на протеини од гените и се случува во цитоплазмата. mRNA реагира со специјализиран комплекс наречен рибозом, кој ги “чита” секвенците од mRNA базите. Секоја секвенца од три бази, наречена кодон, обично кодира одредена амино киселина(амино киселините се градбени делови на протеините). Друг вид на РНК наречен транспортна РНК (tRNA) го подредува протеинот на тој начин што транспортира амино киселини до рибозомот. Протеинската синтеза трае сѐ додека рибозомот не дојде до стопирачки кодон (секвенца од 3 базни парови која не кодира амино киселина).

Протокот на генетска информација од ДНК, преку РНК до протеинот е еден од фундаменталните принципи на молекуларната биологија. Овој процес се нарекува и централна догма на молекуларната биологија.

This article is from Wikipedia. All text is available under the terms of the GNU Free Documentation License.